Шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски денеска изјави дека НАТО трупите се присутни во Украина.

– Војници од земји-членки на НАТО веќе се во Украина. Сакам да им се заблагодарам на земјите кои преземаат таков ризик. Ќе се препознаат, изјави Сикорски.

Тој одби да ги именува државите, посочувајќи дека „за разлика од некои европски политичари, јас нема да кажам“.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон на крајот од минатиот месец изјави дека не ја отфрла можноста за испраќање на западни трупи во Украина, за да и помогнат во нејзината борба против Русија, но оти за тоа во моментот нема консензус во НАТО.

САД се спротивставија, додека балтичките земји ја поддржаа идејата на Макрон.

Сикорски пред два дена на платформата Икс објави дека присуството на силите на НАТО во Украина не е незамисливо.

Ставот на Сикорски е спротивен на позицијата на полскиот премиер Доналд Туск, кој за време на неговата посета на Прага минатата недела, јасно стави до знаење дека Полска нема намера да испраќа сили во Украина. Според Туск фокусот треба да биде ставен на обезбедување максимална поддршка за Украина во нејзините воени напори против руската инвазија.


(МИА)


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.