Оваа година Унгарија ќе се обиде да ги отвори очите на раководството на Европската унија за да може Унијата да ги исправи своите грешки, напиша на Фејсбук унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, со што го потврди она што унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно го изјави дека е неопходно да се замени сегашното раководство на ЕУ, бидејќи, како што порача, тој врв не е способен да се справи со кризни ситуации.

Шефот на унгарската дипломатија потсети дека во 2024 година се очекуваат избори во 78 земји, вклучително и во Унгарија, но и во други земји од ЕУ, бидејќи ќе се одржат и избори за Европскиот парламент.

„Бидејќи 2024 година ќе биде кобна година, знаеме дека притисокот ќе биде огромен, но во иднина нема да подлегнеме на никакви уцени и нема да се откажеме од застапувањето на националните интереси. Меѓународниот либерален мејнстрим секогаш ни вршеше огромен притисок, но ние секогаш успевавме да се одржиме и секогаш се потврдуваше дека ја направивме вистинската работа“, кажал шефот на унгарската дипломатија.

Сијарто накратко се осврна на актуелните конфликти во светот, велејќи дека се надева дека по изборите во Европа и американските претседателски избори во ноември се ќе се смири и дека меѓународната заедница ќе се откаже од политиката на испраќање оружје, пренесува РТ Балкан.

„Со сето она што не очекува оваа година, ние сме во самиот центар на формирањето на новиот светски поредок, каде што ќе биде потребно (да се вложат) повеќе напори од кога било за да може да се гарантира физичката и економската безбедност на земјата и Унгарија да биде меѓу победниците на новата ера, која сега се појавува“, додал Сијарто.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.