Кредибилитетот на политиката на проширување на ЕУ е разнишан со одолжувањето на интегративниот процес на прием на земјите од Западен Балкан, изјави денеска министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, додавајќи дека во интерес на ЕУ е што поскоро да ги интегрира земјите од регионот во своите рамки.

На заедничката прес-конференција со министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, Сијарто истакна дека изборите во Европскиот парламент го отвориле патот за „десничарски, мировни, суверенистички“ промени во политичкиот правец што се нарекува „здрав разум“ во европските политички дебати, додека ЕУ би можела да ги реши долгорочните предизвици и да ги интегрира „амбициозните и брзоразвивачки“ земји од Западен Балкан, пренесе МТИ.

За време на унгарското претседателствување во Советот на ЕУ постои можност Црна Гора да затвори десет поглавја од преговорите, рече Сијарто.

Денес, додаде тој, на Европската Унија ѝ е потребен Западен Балкан повеќе отколку што на Балканот му треба ЕУ.

Неопходно е да се врати довербата во процесот на проширување на ЕУ, а условите што кандидатите мора да ги исполнат се јасно пропишани. Не треба да се споредуваат резултатите на една земја со друга, туку и во однос на новите земји-кандидати мора да се применува мериторниот принцип – објасни Сијарто.

Додека, од една страна, многу членки на ЕУ јавно го поддржуваат проширувањето, рече Сијарто, зад сцената работите се поинакви. Тој нагласи дека Унгарија, за време на своето претседавање со Европскиот совет во втората половина на оваа година, ќе ја промени оваа „лицемерна политика и ќе ја постави на темелите на чесноста“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.