Премиерката на Шведска, Магдалена Андерсон, изјави дека нејзината земја ќе воспостави близок дијалог со Турција во областа на екстрадицијата на лица барани од турска страна.
Откако Турција, Шведска и Финска потпишаа Меморандум за влез на двете земји во НАТО, Андерсон утрово даде изјава за финската државна телевизија YLE, пренесува Анадолија.
Ќе воспоставиме близок дијалог со Турција за екстрадицијата. Ќе разговараме и објасниме како се бориме против тероризмот во рамките на меѓународното право.
Работевме заедно со нашите пријатели за време на преговорите, имавме телефонски разговори со турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган. Ако тројца луѓе седат во соба и сакаат договор, тогаш тие можат да го постигнат тоа – изјави Андерсон, опишувајќи го целиот процес како многу конструктивен
Андерсон, сепак, не сакаше да одговори на прашањето „Кој направил повеќе отстапки во целиот овој процес?“.
Меморандумот за разбирање беше потпишан по двочасовниот квадрилатерален состанок на кој присуствуваа турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, неговиот фински колега Саули Ниинисто, шведската премиерка Магдалена Андерсон и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кои разговараа за барањето на нордиските земји за членство во НАТО и коментарите и загриженоста покренати од Турција во овој контекст.
Со потпишувањето на договорот, Финска и Шведска ветија дека ќе одговорат на загриженоста на Анкара во однос на безбедноста поради нивниот став кон терористичките групи ПКК и т.н.ФЕТО, отворајќи го патот за нивното членство во НАТО.
Турција, исто така, ја потврди својата долгогодишна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО и се согласи на Самитот во Мадрид во 2022 година да поддржи покана до Финска и Шведска да станат членки на Алијансата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.