Швајцарија од денеска за првпат е непостојана членка на Советот за безбедност на ОН во име на група западни земји, а меѓу петте нови непостојани членки со двегодишен мандат се Еквадор, Јапонија, Малта и Мозамбик.

Советот за безбедност на ОН има 15 членки, од кои пет се постојани со право на вето – Франција, Велика Британија, САД, Кина и Русија, а 10 се избираат на период од две години, но така што секоја година се заменуваат по пет членки.

Непостојаните членки се избираат на регионална основа.

Во непарните години во Советот за безбедност на ОН влегуваат по една земја од Африка, Азија и Латинска Америка и две од групата западни земји, а во парни години две земји од Африка и по една од Азија, Латинска Америка и Источна Европа. Парната година е почеток на мандатот и за арапската членка.

Од новите непостојани членки, најмногу искуство има Јапонија, со тоа што ова е нејзиниот 12-ти двегодишен мандат во Советот за безбедност на ОН, а најмалку искуство имаат Мозамбик и Швајцарија, чии претставници првпат ќе седнат во тоа тело.

Денеска почнува третиот на Еквадор и вториот мандат на Малта во Советот за безбедност на ОН.

Повеќе од една третина од земјите-членки на ОН никогаш не биле застапени во Советот за безбедност на ОН. Меѓу нив се Србија, Црна Гора и Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.