Папата Франциск денеска повика на молитви за поранешниот поглавар на Католичката црква, Бенедикт Шеснаесетти, еден ден по неговата смрт.

– Денеска и го доверуваме саканиот почесен папа Бенедикт Шеснаесетти на мајката Божја, да го придружува на неговото патување од овој свет до Бога, рече папата Франциск за време на денешната новогодишна миса во базиликата Свети Петар.

– Сите се здружуваме заедно со едно срце и душа во благодарност кон Бога за дарот на овој верен слуга на Евангелието и на Црквата, рече тој.

Поранешниот папа почина вчера наутро на 95-годишна возраст во манастирот Mater Ecclesiae во Ватиканските градини, каде што живееше по неговата оставка во 2013 година.

Телото на германскиот теолог Џозеф Рацингер, како што е роденото име на Бенедикт, од утре ќе биде положено во базиликата Свети Петар за верниците да можат да му оддадат почит. Погребот е закажан за 5 јануари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.