Вработените во општинската служба за чистење и собирање отпад во француската престолнина Париз веќе една недела штрајкуваат незадоволни од најавените реформи на пензискиот систем, а јавноста сè повеќе стравува од таложење ѓубре и масовното појавување стаорци на улиците на Париз.

Во поголемиот дел од Париз веќе воопшто не се собира ѓубре и на улиците се насобрани речиси 5.000 тони отпад, што ги нервира граѓаните, трговците и туристите, но засега нема можност за надминување на кризата, јави телевизијата БФМ.

Коломб Бросел, помошник на градоначалникот на Париз задолжен за чистотата на јавните простори, рече дека „отстранувањето на ѓубрето е нарушено во сите делови на Париз“ и објасни дека приоритет се „безбедносните интервенции, како што се чистење на пазарите и отстранување на вреќи со ѓубре оставени на земја.”

Ан Сури, помошник на градоначалникот на Париз задолжена за јавното здравје, рече дека „нема ризик за јавното здравје“, туку ова е прашање на „удобност и квалитет на живот“.

Сепак, таа предупреди дека „не треба да се дозволи стаорците слободно да шетаат по улиците“ и посочи дека градската управа работи на враќање на стаорците во канализацијата со елиминирање на храната одулиците, како и подготовка на нови акции за истребување во случај на посериозна криза.

Пјер Лисије, регионален советник за јавно здравје, сепак смета дека стаорците претставуваат непосредна „опасност за луѓето“.

Тој потсети дека минатото лето Медицинската академија потсети во својот извештај дека стаорците сè уште се закана за здравјето на луѓето поради многуте инфекции кои се пренесуваат преку егзопаразити, измет, каснувања или гребаници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.