Урсула фон дер Лајен во четвртокот со 401 глас или 41 повеќе од потребните 360, беше реизбрана за претседателка на Европската комисија, пред се со гласовите на европратениците од редовите на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), социјалдемократската Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група „Да ја обновиме Европа“ и Зелените.

Всушност и нејзиниот говор пред гласањето во кој ги презентираше своите визии и планови за работа за новиот мандат првенствено беше насочен на привлекување на гласовите на центристичките и левичарските партии, но не и на десницата, пред се на нејзиното екстремно крило. Сепак, и покрај тоа нејзиниот реизбор, со „многу тешко срце“, го поддржаа и пратеници од десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), како и од партии кои не се членки на ниту една групација.

Ваквата ориентација на Фон дер Лајен беше видлива и во нејзиното обраќање во кое изнесе повеќе ветувања со кои требаше да ги задоволи барањата на нејзините „гласачи“ од различните партии во Европарламентот.

Така таа говореше за заложбите за климатска акција и развој на еколошки чиста индустрија, на што инсистираат зелените и во голема мерка и социјалдемократите, но се ограничи само на позитивна реторика за заштита на животната средина, имајќи ги предвид резервите на дел од членките на ЕПП и либералите за некои мерки поврзани со климата.

Таа сигнализираше поддршка за поголем буџет на ЕУ и олабавување на правилата за конкурентност во економијата, но без јасни ветувања, балансирајќи меѓу различните економски барање на партиите од широкиот политички спектар на „проевропското мнозинство“.

Во делот од говорот посветен на земјоделството таа вети остварување на едно од главните барања од земјоделските протести одржани минатата есен и во првите неколку месеци ширум Европа за „правичен приход за земјоделците“, но не се осврна на отстапување од некои еколошки барања во земјоделскиот сектор.

Фон дер Лајен искажа и заложби за поддршка на Украина, ставање крај на конфликтот на Блискиот Исток, справување со хибридните закани и кибер малтретирањето, заштитата на жените, обезбедувањето социјална правичност…, но сето тоа прилагодено на барањата на партиите што застанаа зад нејзината номинација.

Со исходот од гласањето, според оценките на аналитичарите, Фон дер Лајен доби силен мандат и навидум удобна позиција за раководење со Европската комисија, но во пракса таа ќе се соочи со многу посложен политички пејзаж, имајќи ги предвид различните очекувања што од неа ги имаат партиите што ја поддржаа.

Во поканата упатена до шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека тоа ќе биде особено значаен сост

Со приклучувањето и на Зелените кон т.н. „продемократско мнозинство“ на ЕПП, СД и либералите, Фон дер Лајен зад себе доби „полевичарска“ коалиција во Европарламентот отколку што имаше досега, па сега ќе мора да балансира меѓу нивните барања и ставовите на „подесничарскиот“ Совет на ЕУ, во кој има членови и на ЕЦР и на екстремно десничарската група Патриоти за Европа (ПФЕ).

Во сегашниот состав на Советот на ЕУ има 12 членови на ЕПП, пет на СД, четири на РЕ, по два на ЕЦР и ПФЕ, како и двајца независни. Со формирањето на новата влада на Белгија либералите ќе загубат едно место на сметка најверојатно на ЕЦР, кои би имале три члена, а РЕ можно е да останат без уште едно често во зависност од исходот од преговорите за состав на владиниот кабинет во Франција.

Комплексноста на ситуацијата во која се наоѓа Фон дер Лајен веќе е видлива во нејзината матична земја Германија, каде нејзиниот реизбор веќе ги зголеми тензиите меѓу либералната Слободна демократска партија (ФДП), која е дел на владејачката коалиција со социјалдемократите и зелените, и опозициската конзервативна Христијанско демократска унија (ЦДУ). Имено, пред гласањето петмината европратеници на ФДП соопштија дека нема да го поддржат реизборот на Фон дер Лајен, поради тоа што таа не ја отфрла можноста за нов заеднички долг на ЕУ. На оваа жестоко реагираа од матичната партија на Фон дер Лајен, ЦДУ, кои однесувањето на нивните „либерални сограѓани“ го оценија како „никако поинаку освен срамно“.

Според eвропратеничката Ангелика Ниблер од Христијанско социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на ЦДУ во Баварија, тоа што ФДП, заедно со десничарските популисти и левицата не гласале за Фон дер Лајен и направила „лоша услуга на европската парламентарна демократија“. Ова само се надоврза на антагонизмот меѓу ЦДУ/ЦСУ и ФДП од време на предизборието за евроизборите во кое германските либерал ја обвинуваа Фон дер Лајен за прекумерна бирократија во Еврокомисијата, за нејзината поддршка за заеднички долг на ЕУ и за „убивање на моторите со внатрешно согорување“. Станува збор за идејата во рамки на климатските цели на ЕУ за забрана на производство на нови автомобили со мотори за внатрешно согорување по 2030 година, на што жестоко се противат германските либерали.

Европскиот парламент на денешната пленарна сесија во Стразбур нагласи дека мора да се дадат гаранции за заштита на граѓаните, а потоа ја даде својата согласност за договорот за излез на Обеди

Како реакција на неподдршката на ФДП за реизборот на Фон дер Лајен, ЦДУ се закани дека нема да го поддржат изборот на лидерката на германските либерали во Европарламентот, Мари-Агнес Штрак-Цимерман за претседателка на парламентарниот Поткомитет за безбедност и одбрана.

Сега, откако конечно заврши сагата со обезбедување мнозинство за нејзин реизбор, Фон дер Лајен треба да се посвети на состав на новата Европска комисија. За таа цел, Фон дер Лајен ќе мора да има средби со претставници на владите од кои некои не го подржуваа нејзиниот реизбор, со цел да го договори распоредувањето на ресорите по земји членки и кандидатите за еврокомесари.

Согласно процедурата утврдена со Договорот на ЕУ (ТЕУ), Европската комисија официјално ја именува Советот на ЕУ, откако таа претходно ќе добие поддршка од Европскиот парламент со мнозинство гласови од пратениците што гласале. Европската комисија се состои од 27 члена – претседател, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, кој воедно е и потпретседател на ЕК и 25 еврокомесари задолжени за одреден ресор. Дополнително од редот на еврокомесарите се избираат и одреден број потпретседатели на Еврокомисијата со посебни задолженија. Секоја земја членка на ЕУ номинира по еден свој претставник во Европската комисија. Оваа година од номинации ќе бидат „ослободени“ Германија и Естонија, бидејќи германското место во ЕК го зазема Фон Дер Лајен, а естонското Каја Калас, која е номинирана за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Останатите 25 членки ќе треба да ги предложат своите кандидати за еврокомесари, што некои веќе и го сторија.

На прес-конференцијата по нејзиниот реизбор, Фон дер Лајен најави дека во следните недели ќе побара од членките на ЕУ да ги достават предлозите за еврокомесари и дека и овој пат, како и при изборот на нејзината претходна Комисија во 2019 година, ќе побара од секоја земја да предложи по двајца кандидати – еден маж и една жена. Исклучок од ова барање, според неа, ќе има доколку биде номиниран некој од актуелните еврокомесари, како што е случај со Французинот, Тјери Бретон.

Демократијата е нападната одвнатре и однадвор и од таму од круцијална важност е демократските сили да останат заедно во одбрана на нашата демократија, истакна Фон дер Лајен на заедничката пре

– Потоа ќе разговарам со сите нив од средината на август и сакам да ги изберам најдобрите кандидати кои се подготвени да ја споделуваат европската посветеност, порача Фон дер Лајен.

Се очекува конечниот предлог за составот на новата Европска комисија, Фон дер Лајен да го формулира до крајот на август, при што ќе мора да води сметка да ги избалансира амбициите и желбите на секоја земја членка.

Откако предлогот за состав на новата Комисија ќе биде доставен до Европскиот парламент, ќе бидат организирани сослушувања на секој кандидат за еврокомесар во матичните парламентарните комитет за ресорот за кој е предложен. Откако кандидатите ќе го поминат филтерот во комитетите, Европскиот парламент гласа за целата листа на еврокомесари, а не поединечно за секој кандидат. Гласањето најверојатно би се одржи за време на следното заседание Европарламентот, предвидено за од 16 до 19 септември.

Ако ЕП ја поддржи новата Комисија, таа треба официјално именувана од страна на Европскиот совет, со одлука што се носи со квалификувано мнозинство, што значи дека не треба консензус и поддршка од сите 27 лидери на земјите членки на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.