Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика Германија и Европа да вложат поголеми напори за зајакнување на одбраната.

„Русија не само што ја напаѓа Украина, туку го уништува мирот во Европа. Ние, Германија и Европа, правиме повеќе – и мораме уште повеќе – за да можеме ефикасно да се браниме“, изјави Шолц по повод втората годишнина од руската инвазија на Украина, јави ДПА.

НАТО, смета канцеларот, е најголемиот гарант за одбраната на „двете страни на Атлантикот“.

Шолц посочи на зголемените инвестиции во германската војска како доказ дека Берлин ги почитува своите обврски во сојузот.

„Оваа година, за првпат по децении, Германија ќе издвои два отсто од својот бруто домашен производ на вооружените сили“, рече Шолц, повикувајќи се на одамна поставената цел на НАТО за трошоците за одбраната на земјите-членки.

„Така ќе биде во наредните години и децении“, вети тој.

„Непреченото производство на муниција – прашање за кое многу се дебатира во Европа – е клучен дел од одбраната, а европските земји треба да се здружат и да дадат заеднички нарачки за набавка на оружје“, додаде германскиот канцелар.


Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.