Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека мировниот договор меѓу Москва и Киев е единствениот начин за укинување на санкциите против Русија
Русија во одреден момент треба да разбере дека единствената можност да ги укинеме санкциите е да склучи договор со Украина, изјави Шолц во интервјуто објавено на информативниот портал Т-онлајн.
Тој уште еднаш апелираше до Русија да ги повлече своите трупи од Украина.
Што се однесува до сè друго, постои јасен принцип: Украина ги решава сите прашања. „Не можеме да преговараме во име на Украина, на еден или друг начин“, додаде Шолц, пренесе ТАСС.
Германскиот канцелар додаде дека не ги забележал напорите на Москва да го промени ставот за прашањето за Украина, за време на неодамнешниот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Не, Москва не постигна ниту една од целите споменати на почетокот, рече Шолц.
Тој посочи дека „НАТО не само што не замина, туку го зголеми присуството на својата источна гранка, додавајќи дека Алијансата ќе стане уште посилна кога ќе влезат Финска и Шведска.
Шолц оцени дека ефектите од санкциите се силни и како резултат на тоа, додаде тој, „руската економија ќе биде силно погодена, додека потенцијалот за развој во моментов е многу ограничен“.
Шефот на германската влада вели дека Германија и нејзините партнери ќе продолжат да го снабдуваат Киев со оружје и дека ќе ги зајакнат санкциите против Русија.
Да, ќе продолжиме со тоа, бидејќи нашата цел е обидот на Русија за инвазија да пропадне, нагласи тој.
Шолц и Путин вчера разговарале за ситуацијата во Украина, а разговорот бил воден на иницијатива на германската страна, соопшти прес-службата на Кремљ.
Лидерите на двете земји се согласија да ја продолжат дискусијата преку различни канали, пренесуваат светските агенции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.