Шефот на полската дипломатија Радослав Шикорски денеска апелираше до членките на Европската унија да престанат да плаќаат социјална помош за украинските бегалци, особено за мажите кои се кријат од регрутација и мобилизација во Украина.
– Не треба да има финансиска корист за избегнување на регрутирањето во Украина. Социјалната помош за избегнување служење на татковината не е човеково право, изјави Шикорски за Полското радио.
Тој смета дека укинувањето на социјалната помош за Украинците, бегалци кои се доволно стари за воен рок, ќе биде корисно и за ЕУ и за Украина.
– Тоа е практична идеја која би им помогнала на западноевропските јавни финансии, политички би им помогнала на традиционалните партии во борбата со радикалната десница и би ѝ помогнала и на Украина, рече Шикорски.
Многу украински бегалци од мај годинава останаа без валидни документи во земјите во кои побараа засолниште од руските напади, бидејќи властите во Киев инсистираат да ја регулираат воената обврска и не им издаваат нови документи додека не го сторат тоа.
Меѓутоа, повеќето од земјите што ги примија одбиваат активно да и помогнат на Украина да ги мобилизира бегалците и продолжуваат да им даваат привремено засолниште и да им исплаќаат социјална помош на сите оние кои имаат право на тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.