Во Јапонија неодамна е спроведено истражување со цел да се утврдат причините за долговечноста меѓу јапонската популација. Јапонското Министерство за здравство, во проценка издадена во септември, објави дека рекордни 86.510 лица во земјата имаат 100 или повеќе години, што е зголемување за 6.060 во споредба со претходната година.

Областа Окинава се нарекува „сина зона“ – онаму каде што луѓето живеат долго. Животот до 100 години на овој остров е двојно почест отколку на другото копно на Јапонија.

Во истражувањето се идентификувани шест причини.

Првата тајна за тоа е очекувана – здравата исхрана. Д-р Бредли Вилкокс, дел од тимот истражувачи, истакнува дека основата на нивната исхрана е растителното потекло. Како што вели тој, Јапонците јадат и до килограм зеленчук, овошје и мешунки дневно.

Освен тоа, жителите на Окинава го практикуваат она што се нарекува „хара хачи бу“ – јадење додека не се задоволат 80 отсто од гладта.

Според д-р Вилкокс, речиси сите имаат позитивен став кон животот и она што тие го нарекуваат „икигаи“ – јапонски поим за чувство за цел.

Тоа значи дека еден 102-годишник, на пример, си ја наоѓа целта во грижата за своите бикови. Некои наоѓаат цел во семејството, или пак, во религијата.

Останувањето ментално активни е третата причина за долг живот на Јапонците. Во нивниот речник нема збор за „пензија“, нагласува д-р Вилкокс, потсетувајќи дека тоа позитивно влијае на нивното целокупно здравје.

Дружењето е четвртата причина. Граѓаните од овој дел на Јапонија имаат многудетни семејства и одржуваат силни социјални врски. Дружењето е често, особено со пиење чај.

Честото размислување за воспоставените односи со луѓето е петтата причина, додека шестата е изразената духовност. Духовноста се пренесува низ генерации меѓу жителите на Окинава.

Други таканаречени „сини зони“ во светот се градот Нуоро на Сардинија (Италија), грчка Икарија, костарикански Никојај и Лома Линда во Калифорнија, САД. Во сите овие делови на светот, жителите имаат силни семејни врски, исхрана заснована на зеленчук и овошје и здрав и активен живот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.