Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во петокот изјави дека се откажува од својот план да се кандидира за Европскиот парламент.

Нема да бидам кандидат на европските избори. Сите мои напори ќе ги посветам на моите сегашни обврски додека не завршат“, напиша Мишел на Фејсбук.

Четириесет иосумгодишниот Шарл Мишел е поранешен белгиски премиер кој е претседател на Европскиот совет од 2019 година. Според неговата претходна одлука, на годинешните избори за Европскиот парламент, тој ќе беше водечки кандидат на неговото Движење за реформи, белгиска партија од десниот центар.

Одлуката на Мишел претходно овој месец да се кандидира на изборите во јуни како кандидат на белгиската либерална партија наиде на критики, делумно затоа што тој ќе мора предвреме да ја напушти сегашната функција.

Имено, доколку биде избран во Европскиот парламент, како што најави ќе го преземе мандатот, па Европскиот совет ќе требаше да го избере неговиот наследник на должноста кон крајот на јуни или почетокот на јули. Во тој случај, постоеше можност унгарскиот премиер Виктор Орбан, чијашто земја ќе го преземе ротирачкото претседавање со Советот на Европската унија во јули, ќе претседава со состаноците на европските лидери, посредничка улога што обично ја има претседателот на Европскиот совет.

Поради тоа, врз Мишел имаше притисок за да се избегне таквото сценарио, со оглед на ескалацијата на тензиите меѓу 26-те европски челници и Орбан поради несогласувањеата околку поддршката за Украина, миграциите и владеењето на правото во Унгарија.

Неговата кандидатура, исто така, покрена прашања за евентуален судир на интереси, бидејќи тој ќе се кандидира како партиски политичар во изборната кампања во исто време како вршител на должноста претседател на совет составен од водачи од различни политички групи.

Секогаш ќе бидам застапник за Европа која е демократска, силна, обединета и господар на сопствената судбина. На крајот од овој мандат, ќе размислувам за природата и насоката на моите идни обврски“, додаде тој.

Иако потегот на Мишел е целосно легитимен, тој вршеше дополнителен притисок врз европските челници, бидејќи тие обично имаат повеќе време да преговараат за распределбата на важните места што секогаш доаѓаат по европските избори, иако позицијата шеф на Европскиот совет обично е дел од долгорочната трговија меѓу политичките групи откако ќе бидат јасни изборните резултати.

Европските парламентарни избори ќе се одржат во сите 27 земји на Унијата од 6-ти до 9-ти јуни. Потоа, лидерите треба да се сретнат на 17-ти и повторно на 27-ми и 28-ми јуни.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.