Со татко му се бореше против руските власти во двете чеченски војни, а денес е еден од најверните поддржувачи и сојузници на Владимир Путин. Кој е Рамзан Кадиров и како се случи таквиот пресврт кај него.

Рамзан Ахматович Кадиров е роден е на 5 октомври 1976 година во селото Центарој, во областа Курчалоевски во Чеченско-Ингушетската Република, тогаш дел од Советскиот Сојуз. Тој е вториот син во семејството на Ахмад Кадиров и негово најмало дете.

Рамзан Кадиров во младоста

Неговиот постар брат бил Зелимхан Кадиров (1974 – 31 мај 2004), а има две постари сестри Зарган (1971) и Зулај (1972). Кадирови припаѓаат на еден од најголемите чеченски кланови, Бенои.

Основно и средно училиште завршил во родното село. Потоа студирал менаџмент.

Рамзан Кадиров со своите три жени, Медни Мусаевна Кадирова, Фатима Кажујева и Аминат Ахмадова, има десет деца, а посвои и уште две момчиња. Рамзан има шест ќерки и шест сина. Како што самиот истакнува, тие се неговата најголема светост.

Кадиров со своите деца

Војуваше против Русите

По избувнувањето на Првата чеченска војна во 1994 година, Кадиров и неговиот татко се приклучија на сепаратистичките редови во Чеченија и се бореа против руските сили.

По оваа војна, Кадиров работеше како помошник и личен телохранител на неговиот татко Ахмад-Хаџи Кадиров, кој беше муфтија на Ичкерија, од 1996 година. Ахмад-Хаџи Кадиров беше еден од водачите на сепаратистичкото и антируското движење во Чеченија, кое прогласи џихад против Русија.

Рамзан Кадиров со неговиот татко (лево)

Во есента 1999 година, Рамзан и неговиот татко се спротивставија на растечкото влијание на вахабизмот меѓу Чеченците и застанаа на страната на руските власти.

По атентатот и смртта на неговиот татко на 10 мај 2004 година, Рамзан Кадиров беше назначен за прв заменик премиер Чеченската Република.

Кога неговата сестра Зулај беше уапсена од полицијата во Дагестан во јануари 2005 година, Кадиров со 150 од неговите најблиски луѓе веднаш заминаа во Касавирт и ја опколија владината зграда, од каде што ја ослободија Зулај, која при излегувањето од зградата пукаше во воздух.

Во февруари 2007 година, Владимир Путин потпиша указ за именување на Кадиров на функцијата претседател на Чеченија.

Путин ја прекина војната и тој треба да биде доживотен претседател – изјави Кадиров во една пригода.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.