Според податоците што ги објави Државниот завод за статистика овој месец, над 120.000 деца во земјава, или 32,8 отсто од сите деца, живеат под националниот праг на сиромаштија. Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација (22 отсто) и се зголеми од 28 отсто во 2015 година на 32,8 отсто во 2021 година, покажувајќи со тоа дека децата се изоставени од економскиот развој на земјата велато од УНИЦЕФ.

Состојбата предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот.

Земајќи го ова предвид, со усвојувањето на Целите за одржлив развој во 2015, земјата цврсто се заложи до 2030 година да го намали за најмалку половина процентот на деца што живеат под прагот на сиромаштија.

Недоволното инвестирање во социјалната заштита придонесе да има постојано недоволна опфатеност на децата во земјата. Јавните расходи за социјална заштита заостануваат зад другите сектори и се далеку под просекот на Европската Унија. Денес помалку од 23 отсто од домаќинствата со деца во Македонија добиваат парична помош наменета за деца или домаќинства со деца, додека просекот во ЕУ изнесува 88,4 отсто.

Една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија. Ова може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот; подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува; и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот.

Земјата исто така би можела да размисли и за воведување универзална парична помош за деца, која на глобално ниво покажа дека државите може да си ја дозволат дури и во време на кризи, и е ефикасна политика за намалување како на вкупната сиромаштија, така и на детската сиромаштија. Универзалниот пристап – парична помош за секое дете – драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од стигма и дискриминација. Притоа универзалната парична помош за деца придонесува да се изгради и одржи социјалната кохезија, намалувајќи ја нееднаквоста.

Покрај подобрување на паричната помош за семејствата со деца, справувањето со детската сиромаштија, исто така, налага повеќесекторски одговор со цел децата да имаат пристап до основните социјални услуги, како што се образование, здравство, исхрана и заштита, без стигма и дискриминација. Ова опфаќа:

• Воведување универзално здравствено осигурување за секое дете; тоа значи да не се условува здравственото осигурување на детето со статусот на осигурување на родителите.

• Проширување на пристапот до предучилишно образование, што е пресудно за идниот успех во животот и претставува докажан пристап за справување со меѓугенерациското пренесување на сиромаштијата.

• Спроведување програми за намалување на стапките на напуштање на училиштето и поддршка за вклучување на децата со попреченост и децата вон образовниот систем.

• Зголемување на достапноста и квалитетот на социјалните услуги како што се услугите за поддршка на родителите и други интервенции насочени кон семејството, а за поддршка и заштита на децата.

Темата на овој Меѓународен ден на искоренување на сиромаштијата – „Ставање крај на несоодветното постапување на општеството и институциите “ – нѐ потсетува на потребата од осмислени активности за справување со предизвиците во пристапот до основните услуги и поддршка со кои се соочуваат ранливите групи, меѓу кои се Ромите, децата што живеат со еден родител и оние што живеат во семејства со три и повеќе деца.

Развојот на политики и оценувањето на нивната ефикасност, исто така, бара редовно мерење на сиромаштијата и расчленети податоци. Ова налага инвестиции во капацитетите на националниот статистички систем за тој да генерира навремени извештаи кои ја покриваат и монетарната сиромаштија и социјалната исклученост.

Социјалната заштита е моќен придвижувач на правата на децата и на националниот развој. Владата во својата програма за работа се обврза да ја намали сиромаштијата и да ја зголеми помошта за најранливите групи, вклучително и децата и лицата со попреченост. Со проширување на социјалната заштита на децата, Владата, исто така, ќе придонесе за остварување на својот приоритет за забрзување и одржување на економскиот раст, повисок животен стандард и квалитетен живот за граѓаните. УНИЦЕФ продолжува да ги поддржува напорите на Министерството за социјална политика, демографија и млади, со што ќе обезбеди секое дете да има шанса за здрава и продуктивна иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.