Европската комисија подготвува план Б за Украина. Ова го тврди унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тој на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека Европската комисија подготвува план Б кога е во прашање финансирањето на Украина и додаде дека Будимпешта го поздравува тој потег.

„Добро е да се види дека Европската комисија го подготвува планот Б за први февруари, според кој финансиската поддршка за Украина може да се обезбеди надвор од буџетот на ЕУ. Ова е добра одлука! План Б на Европската комисија е планот А на Унгарија!“, кажа Орбан.

Претходно претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕК подготвува алтернативни опции за обезбедување финансиска помош за Украина, потсетува РИА Новости.

Британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори, објави дека Европската унија подготвува резервен план за помош на Украина во износ до 20 милијарди евра со зголемување на долгот, што ќе овозможи заобиколување на блокадите на Орбан.

Унгарија на самитот во декември го блокираше договорот на Европската унија за 50 милијарди евра за Украина од буџетот на Унијата. Тогаш 26 земји од ЕУ се согласија да ѝ обезбедат на Украина пари од буџетот на ЕУ до 2027 година, но Унгарија беше против тоа и потребна е едногласна одлука.

Германија бара Европа да излезе со кохерентен план за тоа како да ја поддржи Украина оваа година ако сака да спречи руска победа и тотален колапс на нејзината безбедност и кредибилитет. Украина кажа дека нема план Б за американската воена помош. Руската инвазија на Украина почна лани на 24 февруари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.