Молдавските власти пред неколку дена ја сопреа ротацијата на рускиот мировен контингент во непризнатиот регион Придњестровје, што се наоѓа меѓу Молдавија и Украина.

Со таквата одлука, таму ќе остане постоечкиот руски контингент од 1.500 луѓе лоциран на линијата на поделба на реката Дњестар.

Официјална Москва се пожали на одлуката на властите во Кишињев да ја запрат ротацијата на руските војници во Придњестровје за да се замени контингентот со нови припадници на руските сили, кои со авиони „Иљушин 76“ од Крим, поточно од аеродромите Симерфолј и Заводска, требаше да бидат префрлени до аеродром во близина на Тираспол.

Молдавија го запре ваквиот транспорт, како што наведе, од страв дека на тој начин Москва ќе префрли значително руско засилување во областа под изговор на ротација.

По ваквата објава на молдавските власти, украинската армија објави соопштение во врска со Приднестровје, во кое изрази подготвеност дека единиците од областа Одеса се подготвени да и помогнат на Молдавија да ги отстрани 1.500 припадници на руската армија од тој регион.

Многумина го поддржаа овој план. Деновиве специјалната молдавска полициска единица „Фулгер“ со своите оклопни возила БТР-70 тргна од Кишињев кон полигон на вежби, за кои надлежните изјавија дека немаат никаква врска со моменталната ситуација и тензиите на реката Дњестар.

И резервистите на молдавската армија се упатија на обука која почна на 22 јули и ќе трае до 29 јули. Како што се наведува, целта на вежбата е да се проверат знаењата и вештините на резервистите за ракување со оружје и воена опрема.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.