Додека Вашингтон и Брисел апелираат до снабдувачите на енергија ширум светот да ветат дека ќе и дадат на Европската унија значителни количини гас во случај на воено засилување околу Украина и прекин на испраката, италијанскиот деловен весник „Il sole 24 ore“ пишува дека САД и Русија се подготвуваат за безмилосна војна за гас.
„САД и Русија се подготвуваат за гасна војна со сите можни удари, со стратегија која вклучува прекин на руските испораки на овој енергенс во Европа, во која главната жртва би била Европската унија“, тврди весникот.
Алармот поради можната војна во Украина ги натера претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Џозеф Бајден да ги повикаат главните светски снабдувачи со енергија, првенствено гас, како што е Катар, да пренасочат дел од нивните енергетски резерви во случај на вооружен конфликт и прекин на испораките на руски гас во ЕУ, кон Европа.
Европската унија увезува речиси 40 отсто од потребите за гас од Русија, а 27-те би се соочиле со недостиг на енергија за индустријата и домаќинствата во случај на војна, а Америка е подготвена да испорача значителни количини од својот течен гас до Европејците. Но, тоа е далеку од доволно за да се задоволат европските потреби, а Вашингтон веќе е во преговори со Катар, најголемиот светски извозник на гас, за зголемување на производството и пренасочување на дел од својот извоз во Европа.
Во тек се преговори со некои азиски земји, како што е Јужна Кореја, дел од нивните набавки да и се остават на Европа, иако извори од Европската комисија велат дека поради заканата од недостиг на енергија постои голема неизвесност и загриженост.
„Црните претчувства ги загрижуваат во ЕУ“, пишува шпанскиот весник „Паис“, а бриселскиот тинк-тенк „Бројгел“ предупредува дека „доколку престане снабдувањето со руски гас, сите мерки за замена на тој гас нема да бидат доволни“.
„Европската унија ќе мора да ги намали побарувачката и потрошувачката, што би наметнало тешки одлуки кои треба да платат висока цена“, се вели во студијата на Бројгел.
Од бриселскиот институт наведуваат дека особено би била погодена Германија, чија индустрија е еден од моторите на европската економија, а потоа и балтичките и источните земји кои во голема мера се зависни од увозот на гас од Русија.
Цените на гасотт на светскиот пазар веќе нагло пораснаа, побарувачката во ЕУ е зголемена поради намаленото производство на гас во Норвешка и Холандија.
„Се случи нешто крајно загрижувачко и несфатливо“, велат извори од ЕК, а тоа е дека многу членки на Унијата не успеаја да наполнат складишта за гас летово, кога побарувачката и цените беа ниски, а сега на ЕУ едноставно нема доволно од тоа.
Бројгел изјави и дека во најголем дел, увозниот американски течен гас не може ни оддалеку да го замени рускиот гас, бидејќи капацитетите за увоз на американски гас веќе се користат со над 90 проценти од можностите. Беше предупредено и дека сите испораки на овој енергенс од други извори ќе значат поскапување поради зголемената побарувачка.
Тука спаѓаат економската криза во Унијата, инфлацијата, ударот врз трошоците за живот, што веќе се чувствува во ЕУ, каде цената на гасот порасна за 429 отсто во периодот од 2019 до 2021 година.
Европската комисија преговара за поголем увоз со Норвешка, која веќе покрива 38 отсто од потрошувачката на гас во Унијата, исто така, од Азербејџан преку Јужниот гасен коридор, иако капацитетот на гасоводот е скромен.
Се очекува испораката на гас до одреден степен да се зголеми со испораките од Алжир и Египет.
Апелот на Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Џозеф Бајден до „големите светски производители на енергенси да се обединат и да гарантираат дека светскиот енергетски пазар ќе остане стабилен и добро снабден“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.