Руските трупи го напуштија регионот Суми во североисточна Украина, соопшти Дмитро Живјицки, началникот на регионалната администрација.

Живјицки на својот „Фејсбук“ статус посочи дека во регионот сега повеќе нема руски војници.

Тој го информира локалното население дека доколку слушне експлозии, тоа е поради активностите што на терен ги спроведуваат спасувачките служби и деминерите за отстранување на експлозив и муниција што зад себе ги оставиле руските трупи.

Живјицки сепак предупредува дека регионот сè уште не е безбеден поради поставените мини на повеќе локации. Токму поради тоа, тој го предупреди локалното население да не се вози надвор од асфалтираниот дел од коловозите, да не се користат шумски патеки и да не се чепка оставена воена опрема.

Инаку Живјицки уште во неделата изјави дека почнало повлекување на руските трупи од областа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.