Неименуван функционер на Луганската народна Република (ЛНР), изјави дека руските сили и нивните сојузници не планираат да ја нападнат големата хемиска фабрика „Азот“ во Северодонецк, каде што се засолнети украинските сили во градот, додавајќи дека сепак, забарикадираните украински сили, кои остануваат во индустрискиот комплекс, ќе бидат принудени да се предадат.

Функционерот за руската новинска агенција Интерфакс изјавил дека преговорите со тамошните украински војници засега не постигнале договор, пренесе Би-би-си.

Нема планови за напад врз „Азот“. Фабриката е под блокада. Украинските војници кои остануваат таму ќе бидат принудени да се предадат – изјавил функционерот.

Тој, истовремено, ја отфрла можноста да им биде обезбеден безбеден коридор, со цел повторно да се приклучат на главните украински сили.

Претходно, украинскиот гувернер на областа Луганск, Сергеј Гајдаи, изјави дека околу 800 цивили се засолниле во бункери во фабриката „Азот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.