Русија извршува артилериски и воздушни напади врз регионот Запорожје, соопшти денеска украинскиот Генералштаб, а борбите во близина на најголемата нуклеарна централа во Европа ги зголемуваат стравувањата од катастрофален нуклеарен инцидент.
Нападите се случуваат во пресрет на Денот на независноста на Украина што се одбележува на 24 август. Киев ги забрани јавните прослави, поради закани за нови напади.
Амбасадата на САД во Киев, исто така, предупреди во соопштението за руските планови за напад на цивилна и владина инфраструктура во наредните денови.
Украина соопшти дека веднаш до првите линии на фронтот на југот на земјата, Русија истрелала артилериски проектили и извршила воздушни напади во неколку градови во регионот Запорожје, каде што руските сили ја зазедоа нуклеарна централа набргу по почетокот на инвазијата на 24 февруари.
Поради артилериски и ракетни истрели во близина на нуклеарниот комплекс во Запорожје на јужниот брег на реката Днепар, имаше повици за демилитаризација на областа.
Украинците кои живеат во близина изразија страв дека гранати би можеле да погодат еден од шесте реактори во електраната, што би предизвикало катастрофални последици.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски предупреди дека Москва би можела да се обиде „нешто особено лошо“ пред 31-годишнината од независноста на земјата.
Поради страв од обновени ракетни напади, властите во Киев ги забранија јавните настани поврзани со годишнината од независноста од понеделник до четврток.
Во Харков, североисточниот град изложен на чести и смртоносни артилериски оган и ракети со голем дострел, градоначалникот Ихор Тереков најави продолжување на ноќниот полициски час од 16 часот до седум часот наутро од денеска до 25 август.
Стравувањата од напад се зголемија откако руската Федерална служба за безбедност вчера ги обвини украинските агенти за убиство на Дарија Дугина, ќерка на руски ултранационалистички идеолог, во напад со автомобил-бомба во близина на Москва, кој претседателот Владимир Путин го нарече „подло и сурово злосторство“.
Украина негира каква било вмешаност.
Москва побара денеска да се одржи состанок на Советот за безбедност на ОН на кој ќе се разговара за нуклеарната централа Запорожје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.