Руски хакери денеска накратко го блокираа пристапот до неколку германски веб-страници како одговор на одлуката на Берлин да испрати тенкови во Украина. Германските власти, сепак, коментираат дека кибер нападот немал забележлив ефект, јавуваат британските медиуми.
Германија денеска соопшти дека на Украина ќе и даде тенкови „Леопард 2“, надминувајќи ја со ова неколкунеделната загриженост за ова безбедносно прашање. Киев смета дека снабдувањето со такво тешко оружје е клучно за победата против Русија, додека Москва го смета за опасна провокација, забележуваат британските медиуми.
Хакерската група „Килнет“ (Killnet) денеска соопшти дека ги нападнала веб-страниците на германската Влада, банки и аеродроми со таканаречен „дистрибуиран напад на одбивање на услугата“ (DDoS) – релативно едноставен кибер напад што насочува големи количества интернет сообраќај кон определени сервери со цел да ги оневозможи во нивната работа.
„Некои веб-сајтови во моментов се недостапни. Во моментов нема индикации за директни последици за релевантните служби, а според проценката (на германските власти), не се очекува ниту една доколку се преземат вообичаените заштитни мерки“, соопшти германската Агенција за кибер безбедност.
„Килнет“ е самопрогласена руска „хактивистичка група“ која активно ги напаѓа противниците на руската инвазија врз Украина, забележуваат британските меидуми. Оваа група во јуни лани ја презеде одговорноста за сличен кибер напад врз литванската Влада, откако оваа балтичка земја го блокираше протокот на стоки кон руската енклава Калининград.
Според американските експерти, трагите на „Килнет“ водат до руските специјални служби.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.