Пратениците од Долниот дом на рускиот парламент денеска во прво читање го усвоија предлог-законот со кој се бара да се забрани поттикнување на живот без деца, во услови на демографската криза влошена од конфликтот во Украина и со цел да се заштитат „традиционалните вредности“ за кои се залага Кремљ.

Предлог-законот беше усвоен едногласно, по директен пренос од гласањето. Предлог-законот допрва треба да се гласа во второ и трето читање.

Силно семејство е прогласено за традиционална вредност во Русија во 2022 година, посочуваат во образложението авторите на текстот, меѓу кои и претседателката на Горниот дом на парламентот Валентина Матвиенко и претседателот на Думата Вјачеслав Володин.

Една од заканите за традиционалните вредности е промовирањето во руското општество на идеологијата за живот без деца, што доведува до слабеење на општествените институции и создава околности за депопулација, истакнаа тие.

Според нив, неколку заедници и групи на Интернет промовираат таков начин на живот и имаат агресивен однос кон луѓето кои имаат деца.

Затоа треба да се создаде механизам за заштита на традиционалните вредности, објаснуваат авторите, предлагајќи да се забрани промоција на живот без деца на Интернет, во медиумите, во филмовите и во рекламите.

Според Володин, согласно новиот закон, физичко лице може да се казни со околу 4,000 евра, службените лица двојно повеќе, а правните лица до 47,000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.