Последните податоци на Вашингтонскиот институт за проучување на војната покажуваат дека Русија оваа година освоила речиси шест пати повеќе територии отколку во 2023 година. Руската армија прави „сериозни чекори“ кон заземање на клучните украински логистички центри во источниот регион Донбас, јавува британски Би-Би-Си.

Украинците во Курск не напредуваат доволно, откако летово тие го нападнаа овој регион, а руските трупи по првичниот шок и губење на територијата ја свртија ситуацијата.

Би-Би-Си известува дека многу аналитичари се сомневаат во успехот на офанзивата, а еден ја нарече „стратешка катастрофа“ со оглед на недостигот на „работна сила“, односно војници, со кој се соочува Украина.

За Украинците, времето на оваа акција е исто така контроверзно. Со приближувањето на Доналд Трамп до Белата куќа, имаше се поголема неизвесност за исходот на војната започната во 2022 година. Трамп вети дека ќе стави крај на војната кога ќе ја преземе функцијата во јануари, што некои стравуваат дека ќе значи намалување или прекинување на идната воена помош за Украина.

Во првите неколку месеци од војната, линијата на фронтот се движеше брзо, а Русија брзо освои територии пред украинската контраофанзива. Минатата година ниту една страна не постигна значителен успех, а завојуваните страни, исто како Французите и Германците во Првата светска војна, беа закопани во ровови и во ќор-сокак.

Сепак, новите податоци од Институтот за проучување на војната покажуваат промена во текот на 2024 година кога Русите тргнаа напред.

Досега оваа година руските сили окупираа околу 2.700 квадратни километри територија на истокот на Украина, во цела 2023 година освоија само 465, односно шест пати помалку.

Постои реална можност источниот фронт на Украина „навистина да се сруши“, вели д-р Марина Мирон, соработник на Кралскиот колеџ во Лондон, пренесе Би-Би-Си.

Руските сили окупираа повеќе од 1.000 квадратни километри меѓу 1 септември и 3 ноември, што покажува дека воениот притисок на руските сили е зголемен. Позициите на Украинците се загрозени, особено околу Купјанск и Покровско.

Во неодамнешното ажурирање на разузнавачките служби, британското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили се обидуваат да го заземат градот Купјанск и да протуркаат во североисточните предградија.

По заземањето на Угледар на јужниот Донецки фронт, Русите тргнале кон Курахово. Украинските сили кои го бранат градот досега одбиваа напади од југ и исток. Но, линијата на фронтот е се поблиску до градот. Руските сили се приближија и кон Курахово од север и северозапад. На Украинците им станува сè потешко да ги задржат првите редови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.