Русија денеска официјално се повлече од клучниот безбедносен пакт по Студената војна, дизајниран да ги деескалира потенцијалните конфликти меѓу Истокот и Западот, што е најнов знак за зголемени тензии меѓу Русија и НАТО.

„Во 00:00 часот на 7 ноември 2023 година е завршена постапката за повлекување на Русија од CFE (Договор за конвенционални вооружени сили во Европа) – се вели во соопштението на руското министерство за надворешни работи.

„Така, меѓународно-правниот документ, чија важност беше суспендирана од нашата земја во 2007 година, конечно за нас стана историја“, се додава.

Договорот од 1990 година, преговаран и склучен на крајот на Студената војна и потпишан една година по падот на Берлинскиот ѕид, постави ограничувања на распоредувањето на воена опрема за одржување на воената рамнотежа меѓу НАТО и тогашните земји од Варшавскиот пакт.

Русија го суспендираше своето учество во договорот во 2007 година и го прекина активното учество во 2015 година.

Во мај 2023 година, за време на војната во Украина, која ја започна Русија во февруари 2022 година, претседателот Владимир Путин потпиша декрет за откажување на пактот, осудувајќи го НАТО за „поткопување на евроатлантската безбедност“.

Војната во Украина ја предизвика најтешката криза во односите на Москва со Западот од Студената војна, а портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во текот на викендот изјави дека односите со САД се под нулата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.