Русија нема да учествува во денешните консултации што ги побара Киев за Виенскиот документ на ОБСЕ.

Ако некој сака да игра некои политички игри, нека ги игра. Ние, пак, сериозно ги сфаќаме инструментите за зајакнување на довербата и безбедноста и нема да дозволиме да се користат за непристојни цели – изјави рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко.

Тој ги прекори државите кои најмногу инсистираат за придржување до Виенскиот документ дека „не мрднале со прст за да ги покренат соодветните процедури кога украинската армија ги бомбардира сопствените граѓани и спроведува вистинска борбена операција против нив со учество на вооружените сили“.

Украина побара консултации за имплементација на Виенскиот документ од 2011 во однос на мерките за градење доверба и безбедност со цел да се објасни „невообичаената воена активност“ на Русија долж руско-украинската граница.

Состанокот меѓу земјите-членки на ОБСЕ ќе се одржи зад затворени врати на ниво на воено-политички претставници на засегнатите страни на оваа организација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.