Русија го блокира усвојувањето на заедничката декларација по четиринеделната конференција на ОН за договорот за нуклеарно разоружување и ги осуди, како што наведе, „политичките“ аспекти на текстот, пренесува агенцијата Франс прес.
Договорот за неширење на нуклеарно оружје (НПТ), кој е предмет на состанок на 191 потписник на секои пет години, има за цел да го спречи ширењето на нуклеарното оружје, да промовира целосно разоружување и соработка во мирната употреба на нуклеарната енергија .
„Нашата делегација има еден клучен приговор за некои параграфи кои очигледно се од политичка природа“, рече рускиот претставник Игор Вишневецки и додаде дека Русија не е единствената земја која има забелешки на текстот.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг, како што јави Би-Би-Си, рече дека е „длабоко разочарана“ од немањето договор. „Русија го попречи напредокот со одбивањето да го прифати предложениот текст што го прифатија сите други земји“, рече таа.
Претставничката на САД, амбасадорката Бони Џенкинс, рече дека САД „длабоко жалат за овој исход, а уште повеќе за руските дејствија што не доведоа до каде што сме денес“.
Според извори блиски до преговорите, Русија особено се противела на деловите што се однесуваат на украинската нуклеарна централа Запорожје, која била окупирана од руската армија.
Последниот нацрт на текстот изразува „сериозна загриженост“ поради воената активност околу украинските електрани, вклучително и Запорожје, како и поради губењето на украинската контрола врз таквите локации и негативното влијание врз безбедноста.
На последната конференција во 2015 година, исто така не можеше да се постигне договор за клучните прашања. На отворањето на овогодинешната конференција, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека светот се соочува со „нуклеарна опасност невидена од екот на Студената војна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.