Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопшти дека Русија и предала на Украина нацрт-документ со прецизни формулации и дека сега се официјален Киев треба да одлучи како ќе постапи.
Во овој момент, нашиот нацрт-документ, кој содржи апсолутно прецизно дефинирани формулации, е доставен до украинската страна. Топката е на нивна страна, чекаме одговор – изјави Песков.
Според него, украинската страна постојано се оддалечува од претходно договорените позиции, постојано менувајќи ги. Како што оценува Песков, кога станува збор за ефикасноста на преговарачкиот процес, таа недоследност поредизвикува многу лоши последици.
Зборувајќи за рокот што Киев го има за одговор на документот, Песков истакна дека украинската страна не покажува тенденција за интензивирање на преговарачкиот процес, но дека има надеж дека ситуацијата ќе се реши на најдобар можен начин.
Песков се осврна и на предлогот на Израел да се организира средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, но истакна дека Москва повеќепати објаснила какви подготовки се потребни за да се организира средбата.
Израелската страна повеќепати сигнализираше дека е подготвена да ја преземе организацијата на таква средба, но ние веќе многупати објаснивме што мора да претходи на таква хипотетичка средба – порача Песков.
Претходно, израелскиот амбасадор во Москва, Александар Бен Зви, изјави дека неговата земја ја потврдува подготвеноста да ги пречека Путин и Зеленски во Ерусалим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.