Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захаров, порача дека Руската Федерација го поздравува предлогот на Кина за проширување на групата на растечки светски економии позната како БРИКС, но смета дека е прерано да се именуваат потенцијални кандидати за приклучување кон асоцијацијата.

Проширувањето на петорката на БРИКС несомнено го заслужува целосното внимание на здружението. Оваа година кинескиот претставник во БРИКС предложи да се интензивира работата на тоа и ние ја поддржуваме таа иницијатива – изјави Захарова на брифинг за медиумите.

БРИКС е меѓународна политичка организација на водечките сили во развој и наследник на претходната организација БРИК, укината со вклучувањето на Јужноафриканската Република (ЈАР) во 2010.

Сегашните пет земји-членки се Бразил, Русија, Индија, Кина и ЈАР. Со исклучок на Русија, членките на БРИКС се земји во развој што се сметаат за нови сили поради нивните големи стопанства и значајно влијание во регионалните и меѓународните случувања. Во нив живее речиси една половина од светското население, со збирен БДП од 13,6 трилиони долари и заедно имаат надворешни резерви од 4 трилиони долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.