Рускиот нафтен концерн „Роснефт“ поднесе тужба пред судот во Германија против Владата во Берлин за преземањето на германската филијала на компанијата, вклучувајќи ја тука и големата рафинерија кај градот Шведт, објавија германските медиуми.
Германската Влада, минатиот месец, му го додели управувањето со подружницата на „Роснефт“ на националниот енергетски регулатор, со цел обезбедување контрола врз рафинеријата Шведт од каде се дистрибуира гориво за Берлин и голем дел на cеверна Германија.
Рафинеријата Шведт е четврта по големина во Германија и задоволува 90 отсто од побарувачката на горива во Берлин. Од нејзината изградба во 60-тите години на минатиот век, нафта за рафинеријата се набавува исклучиво од Русија преку нафтоводот „Дружба“. Шведт, исто така, со деривати снабдува области на западна Полска, како и аеродромот „Берлин-Бранденбург“.
Заедно со сопственоста, се отстранува и заканата за енергетската безбедност и се поставува камен-темелникот за зачувување и иднина на локацијата Шведт – соопштија тогаш од Министерството за економија.
Тие тогаш нагласија дека „Роснефт Дојчланд“ сочинува околу 12 отсто од германскиот капацитет за рафинирање нафта и е меѓу најголемите преработувачи на нафта во Германија.
Покрај со Шведт, регулаторот сега управува и со рафинериите на „Роснефт“ во Карлсруе и Вохбург.
Руската компанија поднела тужба против Владата пред Федералниот управен суд во Лајпциг, објави бизнис-весникот „Ханделсблат“, повикувајќи се на информации од правниот застапник на „Роснефт“.
„Роснефт“ тврди дека потегот бил неоправдан бидејќи компанијата уредно ги исполнувала своите договорни обврски.
До денес „Роснефт“ целосно ги исполнува своите обврски за испораки сирова нафта – стои во тужбата составена од адвокатската фирма „Малмендиер Легал“.
Руската компанија засега не е достапна за информација.
Од германското Министерство за економија потврдуваат дека се запознаени со тужбата на „Роснефт“, но се уште не добиле никаков документ.
Според изјава на портпарол на Министерството, исполнети биле условите за преземање на подружницата на „Роснефт“ согласно Законот за енергетска безбедност.
Причината е загрозувањето на снабдувањето со енергија и заканата од нарушување на безбедноста на снабдувањето – изјави портпаролот на Министерството.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.