САД ја разгледуваат можноста за договор со Полска според кој таа би ѝ обезбедила авиони од руско производство на Украина, а за возврат би добила американски борбени авиони Ф-16.
Ова следува откако украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видеоразговор со американските конгресмени, од кои побара да ѝ помогнат на Украина да добие борбени авиони преку источноевропските членки на НАТО.
– Работиме со Полјаците на овој проблем и се консултираме со останатите сојузници од НАТО. Ако Полска одлучи да ѝ даде авиони на Украина, ние ќе се потрудиме да ја пополниме полската флота. Испраќањето борбени авиони во Украина е суверена одлука на секоја држава, но тоа ќе бара и обемна логистика, изјави портпарол на Белата куќа.
Зеленски ноќеска разговарал и со Џо Бајден, кој ветил економска, хуманитарна и безбедносна помош за Украина.
„Како дел од постојаниот дијалог, имав уште еден разговор со претседателот“, објави Зеленски на Твитер.
Белата куќа соопшти дека повикот траел 30 минути и дека Бајден ја поздравил одлуката на Visa и Mastercard да ги прекинат своите операции во Русија.
„Бајден ја зголемува безбедносната, хуманитарната и економската помош за Украина и работи со Конгресот за да обезбеди дополнително финансирање“, додаде Белата куќа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.