Во Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија, дошло до експлозија во кафулето „Стрит бар“, во кое едно лице загина, а 16 други се повредени, потврдија локалните власти.

Потврдено е и дека во експлозијата загинал блогер кој известувал за војната.

Пишувал под псевдонимот Владлен Татарски, а неговото вистинско име е Максим Фомин, објави рускиот сервис на Би-Би-Си.

Тој известуваше од украинскиот фронт и доби особена слава минатата година откако објави видео снимено во Кремљ во кое рече: „Ќе го претепаме секого, ќе го убиеме секого, ќе го ограбиме секого ако треба“. Баш како што ни се допаѓа“.

Повод за церемонијата во Кремљ, чиј домаќин беше претседателот Владимир Путин, беше најавата за анексија на четири делумно окупирани региони на Украина.

Санкт Петербург е родниот град на Путин.

Извори од Министерството за внатрешни работи, цитирани од руската новинска агенција РИА, велат дека бомбата била скриена во статуа која му била дадена на Татарски во кутија како подарок.

Наводно, според руските медиуми кои се повикуваат на извори во истрагата, девојка му ја предала статуетката на блогерот.

Санкпетербуршкото издание на Фонтанка забележува дека кафулето во кое се случила експлозијата претходно било во сопственост на бизнисменот и основач на платеничката група Вагнер Евгениј Пригожин.

За време на викендите во кафулето се собираат членови на таканаречениот клуб „Сајбер З фронт“, пишува овој весник.

Повеќе од 500.000 луѓе го следеа Татарски на каналот на Телеграм.

Тој и некои други воени блогери критикуваа одредени одлуки за време на руската воена кампања во Украина.

Групата наречена „Сајбер З фронт“, која себеси се опишува како „руски информативни трупи“ на Телеграм, соопшти дека изнајмила кафуле за вечерта.

„Имаше терористички напад. Презедовме одредени безбедносни мерки, но за жал тие не беа доволни“, се вели во објавата на Телеграм.

Сочувство до сите кои го познаваа одличниот воен дописник и нашиот пријател Владлен Татарски“, се вели во соопштението.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.