Полициската управа во Мемфис ја распушти таканаречената специјална полициска единица „Скорпион“, чии полицајци беа обвинети за убиството на Афроамериканецот Тајри Николс.

„Скорпион“ е единица чија задача била да ги надгледува улиците со цел да се врати мирот и безбедноста во соседството. Единицата ја сочинувале 50 полицајци, но откако петмина од нив до смрт го претепаа 29-годишникот, таа ќе биде распуштена.

Семејството на Николс ја поздрави одлуката. Преку адвокатот рекоа дека одлуката е соодветна за трагичната смрт на Тајри Николс и пристојна и праведна за сите граѓани на Мемфис.

Петте полицајци, Тадариус Бин, Деметриус Хејли, Дезмонд Милс Јуниор, Емит Мартин Трети и Џастин Смит, беа отпуштени минатата недела. Тие беа приведени во четвртокот и секој од нив се соочува со обвиненија за убиство од втор степен, тежок напад.

Вчера беа објавени видеоснимки на кои се гледа како петмина полицајци крвнички го претепуваат 29-годишниот Афроамериканец Тајри Николс, кој подоцна им подлегна на повредите. На една од снимките се забележува како Николс лежи на стомак, а полицајците прскаат со спреј во неговото лице. Друга снимка покажува како го шутираат додека тој во плач ја повикува својата мајка.

Во повеќе американски градови, вчера, се одржаа протести по јавното објавување на видео снимките на кои се гледа како петте полицајци го тепаат Тајри Николс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.