Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат ја нарече „исклучително тешка“ ситуацијата во окупираните територии на Украина, кои Русија ги прогласи за свои региони.

Путин изјави дека „ситуацијата во регионите на ДНР, ЛНР, Керсон и Запорожје е исклучително тешка“ и им порача на безбедносните сили во четирите окупирани региони дека мора да направат се за да ја обезбедат безбедноста на граѓаните во нив.

Би сакал да ги истакнам единиците на безбедносните агенции кои почнаа да работат во новите региони на Русија. Да, сега ви е тешко, ситуацијата во Доњецката и Луганската народна република, во регионите Керсон и Запорожје е исклучително тешка. Но, луѓето кои живеат таму се надеваат на вас, на ваша заштита – рекол Путин, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.

Претседателот на Русија ја нарече должност на тајните служби да направат се за да обезбедат максимална безбедност на граѓаните и да ги заштитат нивните права и слободи. Тој вети и дека ќе обезбеди нови единици со современа опрема и оружје, како и искусен персонал.

Путин повика и на зајакнување на работата на безбедносните агенции во клучните области поради појавата на нови закани и им нареди на специјалните служби да ги држат под постојана контрола местата на масовно собирање на граѓаните и стратешките објекти на транспортната и енергетската инфраструктура.

Од контраразузнавачките агенции, вклучително и армијата, сега се бара максимална присебност, концентрација на силите. Неопходно е строго да се потиснат дејствијата на странските специјални служби, брзо да се идентификуваат предавниците, шпиони и саботери – рече Путин.

Тој, исто така, повика на зајакнување на работата на граничната служба на ФСБ, нарекувајќи ја границата „најважната, клучна граница за обезбедување на безбедноста на земјата“, која мора сигурно да биде покриена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.