Рускиот претседател Владимир Путин денеска во разговор со кинескиот лидер Си Џинпинг во Кремљ изјави дека внимателно го проучувал кинескиот план за решавање на кризата во Украина и порачал дека Русија е секогаш отворена за преговарачкиот процес.

„Ќе имаме можност да го разгледаме тоа прашање. Знаеме дека тргнувате од принципите на правда и почитување на основните одредби на меѓународното право, неделива безбедност за сите земји“, рече Путин, пренесува Спутник.

Путин изјави дека Кина зазема правична и избалансирана позиција за повеќето меѓународни прашања.

„Симболично е што се запознавме пред точно десет години, кога првпат ја посетивте Русија како претседател на Народна Република Кина. За тоа време направивме суштински чекори во развојот на нашите односи“, рече Путин.

Тој додаде дека трговската размена меѓу Русија и Кина е зголемена повеќе од двапати и достигнала 185 милијарди долари минатата година.

Си Џинпинг му се обрати на рускиот претседател како „драг пријател“, нагласувајќи дека верува оти рускиот народ ќе го поддржи во неговите напори.

„Благодарение на вашето силно лидерство, Русија постигна значителен успех во просперитетот на земјата“, истакна Си.

Тој посочи дека му е драго што ја избрал Русија за прва земја што ќе ја посети во третиот мандат и порача дека двете земји треба да градат блиски меѓусебни односи.

„Кина посветува големо внимание на развојот на односите со Русија, бидејќи има своја историска логика, бидејќи ние сме најголемите соседни земји и партнери во сеопфатната стратешка соработка“, нагласи Си.

Посетата на кинескиот претседател на Русија трае до 22 март.

Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Џинпинг денеска заклучија дека нивната средба во Москва е можност двете земји да го продлабочат „пријателството без граници“ и да испратат силна порака до западните лидери дека нивните напори да ја изолираат Москва поради војната во Украина не успеа.

„Во сè повеќе мултиполарбиот свет, САД и нивните сојузници не беа во можност да изградат широк фронт против Путин. Додека 141 земја ја осудија Москва на гласањето во Обединетите нации на првата годишнина од влегувањето на руските војници во Украина, неколку членки на Г-20, меѓу кои Индија, Кина и Јужна Африка останаа воздржани“, рече Си, според Асошиејтед прес.

Кинескиот лидер, коментирајќи ги претстојните претседателски избори во Русија во 2024 година, рече дека е уверен оти рускиот народ ќе продолжи да го поддржува Путин „под чие цврсто водство Русија се развиваше и напредуваше“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен оцени дека фактот што кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ја посети Москва, откако Меѓународниот суд на правдата издаде налог за апсење на Путин, сугерира дека Пекинг не смета дека Кремљ треба да одговара за злосторствата во Украина.

„Светот не треба да биде измамен со каков било тактички потег на Русија, поддржан од Кина или која било друга земја, за да ја замрзне војната по свои услови“, им рече Блинкен на новинарите, а пренесува Би-би-си.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.