Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека нема намера да ја обнови империјата, еден ден откако ги призна проруските сепаратисти во источна Украина и го негираше легитимитетот на украинската држава.

Очекувавме дека ќе има шпекулации дека Русија се подготвува да ја обнови империјата, рече Путин за време на средбата во Кремљ со азербејџанскиот колега Илхам Алиев, нагласувајќи дека тоа во никој случај не е точно.

Путин кажа дека по распадот на СССР, Русија „ги сфати новите реалности и активно работееше на зајакнување на соработката со другите поранешни советски републики, како Азербејџан и Казахстан“.

Според него, Украина е во „поинаква ситуација“ бидејќи „територијата на таа земја ја користат трети земји со цел да се креираат закани против Русија“.

Русија, исто така, призна две сецесионистички територии во Грузија во 2008 година (Абхазија и Јужна Осетија), го анектира Крим во 2014 година и го поддржува сепаратизмот во Придњестровје, Молдавија, од раните 1990-ти.

Во синоќешниот долг говор Путин ја негираше државотворноста на Украина и ја истакна својата теза дека земјата е вештачка креација неразделна од Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.