Рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека неговата земја го суспендирала, но „не го завршила“ учеството во договорот со Украина за извоз на храна преку Црното Море, пренесе Си-Ен-Ен.

Одлуката на Русија дојде како резултат на „создавање закана“ за хуманитарниот коридор, рече Путин на прес-конференција во Сочи по средбата со лидерите на Ерменија и Азербејџан.

Русија во саботата соопшти дека го суспендирала учеството во договорот со Украина со посредство на Обединетите нации, кој се смета за клучен за решавање на глобалниот недостиг на храна.

Москва тогаш соопшти дека го напушта договорот, откако ја обвини Украина за напад со дронови на Крим, украинскиот полуостров анектиран од Русија во 2014 година.

Киев на руските обвинувања одговори со тврдење дека Москва измислува „фиктивни терористички напади“ и оти го користи договорот за храна за да „уценува“.

– Целиот процес на извоз на храна од украинска територија беше организиран со цел да се излезе во пресрет на интересите на најсиромашните земји. И тоа го направивме токму во интерес на најсиромашните земји, рече Путин



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.