Рускиот претседател Владимир Путин денеска рече дека одлуката на Советскиот Сојуз да испрати тенкови во Унгарија и Чехословачка за да ги задушат масовните протести за време на Студената војна било грешка. Путин рече и дека Москва развива оружје користејќи „нови физички принципи“ за да осигури безбедност во блиска историска перспектива.

Тоа беше грешка, одговори Путин на прашањето за перцепциите за Русија како колонијална сила поради одлуката на Москва да испрати тенкови во Будимпешта во 1956 година и во Прага во 1968 година.

Не е правилно да се прави нешто во надворешната политика што им штети на интересите на другите народи, рече Путин, кој во 2022 година испрати десетици илјади војници во Украина, предизвикувајќи ја најголемата копнена војна во Европа по Втората светска војна, вели Ројтерс.

Путин рече дека САД ги прават истите грешки како Советскиот Сојуз. Тој рече дека Вашингтон „нема пријатели, туку само интереси“.

Унгарското востание во 1956 година беше задушено од советски тенкови и војници. Во борбите загинаа најмалку 2.600 Унгарци и 600 советски војници.

Прашката пролет во 1968 година беше завршена кога силите на Варшавскиот пакт предводени од Советскиот Сојуз ја нападнаа Чехословачката Социјалистичка Република. Според чешките историчари, како резултат на инвазијата загинале околу 137 Чеси и Словаци.

Путин денеска рече и дека Москва развива оружје користејќи „нови физички принципи“ за да осигури безбедност во блиска историска перспектива.

Ако се погледне во безбедносната сфера, оружјето со новите физички принципи ќе ја осигури безбедноста на секоја земја во блиска историска перспектива. Ние многу добро го разбираме ова и работиме на тоа, рече Путин за време на состанокот со модераторите на клучните сесии на 8-от Источен економски форум (ЕЕФ).

Развивањето оружје засновано на нови физички принципи вклучува употреба на нови технологии и принципи на дејствување. Таквото оружје вклучува ласерско, ултразвучно, радиофреквентно оружје и други, објави државната новинска агенција ТАСС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.