Рускиот претседател Владимир Путин го седна германскиот канцелар Олаф Шолц на крајот од масата, долга шест метри, на денешната средба во Кремљ, посветена на разговорите за украинската криза, истата позиција што му ја додели и на францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела, откако одби да се тестира со руски тест против коронавирус, јави ДПА.

Белата маса, со стакло на горната површина и со цветни мотиви стана меме на интернет, откако беа објавени слики од разговорите на Макрон со рускиот лидер.

Како и Макрон, и Шолц денеска одби пред разговорите да направи руски ПЦР тест за коронавирус, а место тоа, се одлучи за тест што ќе го спроведе лекар од германската амбасада во неговиот авион по слетувањето, пред тој воопшто да се симне.

Затоа, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека социјалното дистанцирање меѓу германскиот и рускиот лидер ќе мора да биде поголемо од вообичаеното.

Но, тоа нема да влијае на карактерот на состанокот, содржината или времетраењето, рече тој. Разговорите, додаде тој, ќе бидат „обемни“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.