Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвини западните банки дека не извршиле плаќања за рускиот гас, само две недели откако побараа таквите плаќања да се вршат во рубљи.

Постојат неисполнети обврски при извозните испораки на руските енергетски ресурси, рече Путин за време на состанокот за развојот на рускиот енергетски сектор, чии делови беа емитувани на државната телевизија, пренесува ДПА.

Банките од овие крајно непријателски држави го одолговлекуваат трансферот на плаќањата, оцени Путин.

На крајот на март, Путин побара земјите од ЕУ за испорака на руски гас во иднина да плаќаат во рубљи, потег што го презеде Москва заради ублажување на ефектите од западните санкции врз нејзината економија.

Западните влади воведоа строги санкции за Русија, откако таа земја изврши инвазија на Украина на 24 февруари.

Купувачите на руски гас можат да отворат сметка во Газпромбанк и таму да депонираат пари во долари и евра како и претходно. Банката ги претвора парите во рубљи и ги префрла на Гаспром.

Додека западните лидери бараат дополнителни начини за запирање на руското бомбардирање на Украина, Путин предупреди да не се воведува какво било ембарго на рускиот гас и нафта, чекор на кој инсистира Киев.

– Последиците од таквиот чекор можат да бидат многу болни – особено за иницијаторите на таквата политика, рече Путин. Тој, исто така, повтори дека Русија сака во иднина да продава повеќе од своите суровини на други региони во светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.