Рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин на денешната мировна средба во Сочи меѓу лидерите на Ерменија и Азербејџан, организирана како обид да се реши долгогодишниот територијален спор меѓу двете поранешни советски републики.

На состанокот со ерменскиот премиер Никол Пашинјан поддржан од Москва, Путин истакна дека целта е да се обезбеди мир и стабилност и да се деблокира сообраќајната инфраструктура за да се помогне економскиот и социјалниот развој на Ерменија.

Ерменија и Азербејџан со децении се во спор за регионот Нагорно-Карабах, населен воглавно со Ерменци и отцепен од Азербејџан, што доведе до војна во 1990-тите со 30 илјади жртви.

Разговорите на Путин со Пашинјан и со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев се посветени кон спроведувањето на одредбите од Мировниот договор од 2020 година постигнат со посредство на Русија.

Пашинјан денеска изјави дека ќе инсистира Азербејџан да ги повлече своите трупи од руската мировна зона во Нагорно-Карабах и ќе побара ослободување на ерменските воени заробеници. Руските медиуми уште соопштија дека било разговарано и за продолжување на рускиот мировен мандат.

За време на шестнеделната војна во 2020 година Азербејџан поврати големи делови од Нагорно-Карабах и соседните територии што ерменските сили ги држеа со децении. Во тие битки загинаа повеќе од 6.700 луѓе. Русија тогаш распореди околу две илјади војници во регионот како мировници.

Бран насилства проследен со оружени судири повторно го зафати регонот во септември годинава, кога на двете страни загинаа повеќе од 200 војници. Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за избувнувањето на конфликтот.

Русија, која е главен сојузник и спонзор на Ерменија, одржува добри односи и со Азербејџан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.