Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), за време на есенската сесија која се одржува од 10 до 14 октомври ќе расправа за поддршката на европските перспективи на Западен Балкан, јави дописникот на МИА.

Расправата на пленарната сесија на ПССЕ е предвидена за вторник 11 октомври, според извештајот подготвен од грчкиот пратеник и поранешен премиер Јоргос Папандреу. ПССЕ покрај тоа, исто така, ќе расправа за борбата против исламофобијата или антимуслиманскиот расизам, за дискриминацијата при вакцинација и за последиците од Брегзит за човековите права во Ирска. Собранието мора да расправа и за почитувањето на обврските од страна на Турција, Унгарија и Романија.

Беа побарани дебати за тековни прашања за „Европа шест месеци по почетокот на руската агресивна војна против Украина“, „Безбедноста на храната во Европа: извоз на жито од украинските пристаништа“ и „Воени непријателства меѓу Ерменија и Азербејџан“.

Томас Бирн, државен секретар за европски прашања на Ирска, ќе ја претстави комуникацијата на Комитетот на министри во рамките на ирското претседавање со Советот на Европа. Генералниот секретар Марија Пејчиновиќ Буриќ ќе ја одржи вообичаената сесија за прашања и одговори со членовите на ПССЕ.

Планирани се и дебати за злоупотреба на Шенгенскиот информациски систем од страна на државите за воведување политички мотивирани санкции, дискриминација на жените во спортот, безбедни трети земји за барателите на азил, мерки за управување со илегалната миграција за депортации на море и копно, како и за преглед на работничките права.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, треба да се обрати пред Парламентарното собрание на Советот на Европа преку видеоконференција, а говори ќе одржат и претседателот на Ирска, Мајкл Д. Хигинс и претседателот на Швајцарската Конфедерација, Игнацио Касис, како и премиерот на Албанија, Еди Рама.

На специјална церемонија ќе биде доделена Наградата за човекови права „Вацлав Хавел“ за 2022 година, која ги признава извонредните активности на граѓанското општество во одбрана на човековите права, при што победникот ќе биде избран меѓу тројца кандидати од потесниот круг.тг/сд/



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.