Во Франција денеска се одржаа демонстрации чие мото беше: „Против екстремната десница и нејзините идеи, не Марин Ле Пен во Елисејската палата“, јави дописникот на МИА од Париз.

Во Париз и во регионот, неколку илјади луѓе дојдоа да и кажат „не на екстремната десница“ без да го поддржат Емануел Макрон осум дена пред вториот круг од претседателските избори, кој се спротивставува на Марин Ле Пен.

„Тука сме да и кажеме не на крајната десница. Би било вистинска регресија доколку таа дојде на власт“, вели Жан-Франсоа Жулиар, генерален директор на Гринпис Франција во Париз, каде што се мобилизираа неколку илјади луѓе.

И во Марсеј, градот каде што Емануел Макрон одржа митинг, пораката е слична: „Тука сме да ја блокираме екстремната десница“.

Анкета: Макрон со поддршка од 55,5 отсто во вториот круг наспроти 44,5 отсто за Ле Пен

Осум дена пред вториот круг од претседателските избори во Франција, одѕивот на француските гласачи би бил 72 отсто, според барометарот Ипсос Сопра/Стериа, спроведен за ФрансИнфо и Паризиен Ожурдуи, јави дописникот на МИА од Париз.

Претседателот во заминување Емануел Макрон ќе победи во вториот круг од претседателските избори против Марин Ле Пен, со резултат од 55,5 отсто наспроти 45,5 отсто, покажува најновиот барометар објавен денеска.

Пред пет години Макрон победи со 66,1 отсто од гласовите наспроти 33,9 отсто за Марин Ле Пен.

Според оваа анкета, осум дена пред вториот круг одѕивот би бил 72 отсто, ниво многу блиску до оној од првиот круг (73,7 отсто).

Меѓу Французите кои гласаа за Жан-Лук Меланшон во првиот круг од претседателските избори во 2022 година, 33 отсто имаат намера да гласаат за Емануел Макрон во вториот круг, 16 отсто за Марин Ле Пен и 51 отсто не изразиле намера да гласаат. Меѓу гласачите на Јаник Жадот, 59 отсто имаат намера да го изберат претседателот во заминување во вториот круг и 7 отсто Марин Ле Пен (34 отсто не кажуваат).

Исто така, 55 отсто од гласачите на Валери Пекрес ќе го изберат Емануел Макрон и 21 отсто ја претпочитаат Марин Ле Пен (24 отсто не се изјаснуваат).

Гласачите на Ерик Земур имаат намера да гласаат за Марин Ле Пен дури 76 отсто, а за Емануел Макрон само 9 отсто (15 отсто не се изјаснуваат).

Истражувањето е спроведено од 14. до 16 април, со онлајн анкета, според методот на квоти, со примерок од 1.676 лица запишани на изборните листи, претставници на француската популација на возраст од 18 и повеќе години.

Маргината на грешка варира помеѓу 0,7 и 2,4 отсто, во зависност од целниот резултат. Намерите за гласање не претставуваат прогноза за исходот од гласањето. Тие даваат индикација за односот на силите и динамиката на денот на истражувањето

Во Лион, каде што демонстрантите се претежно млади луѓе, се мобилизираа „против тривијализирањето на опасните идеи, против расизмот, исклученоста, потенцијалната диктатура“.

Марин Ле Пен, која претходно утрото зборуваше пред новинарите во Сен Реми-сур-Авр, смета дека „одржувањето демонстрации против резултатите од изборите е антидемократско“.

– Мислам дека на Французите им е непријатно да гледаат дека нивниот избор така се оспорува на улица, преку демонстрации, рече Ле Пен.

„Со отфрлањето на Марин Ле Пен, станува збор за спречување на појавата на деструктивниот социјален проект на владеењето на правото, на социјалната и обединета демократска република што ја браниме секој ден“, се вели во соопштението од организаторите, околу триесет организации и синдикати, како што се Лигата за човекови права, СОС Расизам, СЖТ, Синдикатот на судството или Националниот синдикат на новинари.

Во Париз, копретседателот на Мрап  (движењето против расизмот) Франсоа Сотери рече дека „не ја сакаат Марин Ле Пен во Елисејската палата“.

– Овде сме да кажеме да го искористите вашето гласачко ливче за да ја спречите да дојде на власт. Не велиме гласајте го Макрон, туку се сведува на тоа, рече Сотери.

Во Париз, каде поворката пристигна на Плоштадот на Републиката околу 17 часот, имаше неколку инциденти меѓу полицијата и стотина луѓе. Со фрлање проектили, велосипеди и палење отпад од една страна и употреба на солзавец од друга.

Во Ница, пак, се собраа стотина луѓе, каде што во 2002 година имаше 20.000 меѓу двата круга, односно организаторите на демонстрациите против крајната десница не успеаја да мобилизираат многу Французи, од кои многумина се на велигденски одмор. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.