Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека е прекината кривичната постапка против лидерот на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, што вчераутро ја отвори руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) поради повикување на вооружен бунт.
Откако белорускиот претседател Александар Лукашенко постигна договор со Пригожин за прекин на вооружениот бунт, Песков изјави дека Пригожин ќе замине во Белорусија.
Портпаролот на Кремљ додаде дека во моментов не знае каде е шефот на „Вагнер“.
Според Песков, самиот Лукашенко предложил да разговараат со Пригожин бидејќи се познаваат долго време.
Портпаролот на Кремљ, исто така, кажа дека сите „вагнеровци“ кои одбиле да тргнат кон Москва со Пригожин ќе можат да потпишат договори со Министерството за одбрана на Руската Федерација, како и дека државата нема да ги гони заради нивните заслуги за време на Специјалната воена операција во Украина.
-Тоа што денеска се случи нема да влијае на Специјалната воена операција, таа продолжува според планираното, рече Песков.
Бидејќи кадровските промени во Министерството за одбрана беа едно од барањата на Пригожин, Песков рече дека тоа прашање е во надлежност на претседателот на Руската Федерација и дека за нив не може да се разговара за време на преговорите Лукашенко-Пригожин.
Песков рече и дека Путин има целосна доверба во министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.