Претставничкиот дом на САД, под контрола на републиканците, усвои закон за финансирање широк дел од федералната влада во текот на фискалната година што започна во октомври, во услови на закана од уште едно делумно затворање на владата.
Предлог-законот, откако беше одобрен во Претставничкиот дом со 339 гласа за и 85 против, од кои 83 се републиканци, сега оди во Сенатот. Крајниот рок за усвојување е петок на полноќ, кога истекува привременото финансирање на неколку федерални агенции.
Претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон, мораше да се потпре на поддршката на малцинските демократи за да го усвои големиот закон.
Членовите на екстремно десничарската Пратеничка група за слобода во Претставничкиот дом побараа од колегите републиканци да се спротивстават на законот, велејќи дека тој ќе ги „поништи“ ограничувањата за трошење донесени минатиот јуни и „ќе влијае на речиси секој приоритет на републиканската политика“.
Таа група сака многу подлабоки кратења на трошоците – бидејќи националниот долг се приближува до 34,5 трилиони долари – што веројатно нема да помине во Сенатот или да го добие потписот на претседателот Џо Бајден.
Со усвоениот пакет вреден 460 милијарди долари ќе се обезбедат пари до крајот на годината за министерствата за земјоделство, правда, транспорт, како и за домување и урбан развој. Исто така ќе има и за градежни проекти во воени бази и грижа за ветераните.
Пратениците преговараат за уште еден пакет од шест нацрт-закони, вклучително и за одбраната, во обид да обезбедат финансирање за сите федерални агенции пред крајниот рок на 22 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.