Претседателката на Словачка во заминување, Зузана Чапутова и новоизбраниот претседател Петер Пелегрини, во Братислава изјавија дека атентатот врз премиерот Роберт Фицо извршен вчера, е напад врз демократијата и ги повикаа сите на политичката сцена да излезат од „маѓепсаниот круг на насилство“ и привремено да ја прекинат кампањата пред изборите за Европскиот парламент.
И двајцата делиме ист став, ние сме против секаков вид насилство. Вчерашниот напад е голема човечка трагедија, но истовремено и напад на демократскиот поредок. Сакаме да ги поканиме сите: Да излеземе од магичниот круг на насилство и меѓусебни обвинувања, тоа што се случи вчера, тоа е чин на поединец, но напнатата атмосфера на омраза е наша колективно дело“, рече Чапутова во заедничкото обраќање со Пелегрини, кој во јуни од неа ќе ја преземе должноста.
Пелергини и Чапутова се договорија да ги повикаат лидерите на сите политички партии да се смири ситуацијата и заедно да го отфрлат насилството.
Ние, политичарите, мораме да владееме со нашите емоции“, порача Чапутова.
Новоизбраниот претседател Пелегрини изјави дека е згрозен од тоа до што може да доведе омразата кон политичар.
Словачка до вчера ја красеше способноста демократски и во согласност со Уставот да ги решава сите политички кризи. За да не се повторат атентатите, сите мора да покажат голема одговорност. Денеска Словачка мора да тргне по патот на мирот и смирување на страстите. На омразата не смееме да одговориме со омраза“, рече Пелегрини.
Словачкиот премиер Фицо вчера беше застрелан во градот Хандлова во централна Словачка од 71-годишниот Јурај Цинтула, кој некогаш работел како чувар во трговски центар, па оттука и неговиот легален пиштол. Цинтула се занимава со поезија и наводно бил фрустриран од состојбата на словачкото општество и работата на Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.