Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во своето обраќање на Форумот на Глобсек 2023 во Братислава, претстави нова иницијатива за Западен Балкан, порачувајќи дека „не е доволно да се каже дека вратата е отворена“ и дека „ЕУ, исто така, мора да преземе одговорност за приближување на земјите-кандидатки многу поблиску“.

– Сакаме да го надградиме напредокот постигнат во последните месеци. Но, ние исто така сакаме да донесеме некои од придобивките од членството во ЕУ за луѓето од Западен Балкан веќе денес, порача Фон дер Лајен во своето обраќање на Форумот на Глобсек 2023.

Ова, според Фон дер Лајен, до одреден степен е нов пристап за Европската Унија.

– Ние не бараме само од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас. И ние правиме голем чекор кон нив. Нашата заедничка цел е да го забрзаме нивното патување кон ЕУ. И за ова, ја приближуваме нашата Унија до Западен Балкан, порача фон дер Лајен.

Планот за раст што го предлагаме денес, посочи Фон дер Лајен, е изграден на четири столба: прво, да се доближи Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ; второ, да се продлабочи регионалната економска интеграција; трето, да се забрзаат фундаменталните реформи и четврто, да се зголемат претпристапните средства.

– Сакаме однапред да му понудиме на Западен Балкан некои од предностите на членството. Но, тоа значи дека одредени барања за членство исто така треба однапред да се исполнат. Некои од реформите кои се дел од процесот на пристапување се клучни за довербата на инвеститорите. Размислете за градење независно и ефикасно судство, обезбедување здрави јавни набавки и засилување на борбата против корупцијата. Или размислете за енергетскиот пазар. Регионот на Западен Балкан има огромен потенцијал да се диверзифицира од руските фосилни горива. Но, треба да ја зголеми енергетската ефикасност, да ја засили диверзификацијата и да го забрза распоредувањето на повеќе обновливи извори, порача Фон дер Лајен.

Западен Балкан, нагласи претседателката на ЕК, може да ги постигне и двете: енергетска независност од Русија и поблиско усогласување со Европската унија за да го забрза пристапот.

– Мојата последна поента е јасна. Ние сме подготвени да го поддржиме Западен Балкан со зголемено претпристапно финансирање. Постои огромна потреба од инвестиции во Западен Балкан. Овие инвестиции ќе го подобрат животот на луѓето. И тие исто така ќе го измазнуваат патот кон нашата Унија. Поради оваа причина, треба да ги зголемиме ресурсите посветени на Западен Балкан. Во овие турбулентни времиња, овој план од четири точки е вистинската понуда за Западен Балкан, изјави Фон дер Лајен.

На Форумот на Глобсек 2023 во Братислава учествува и премиерот Димитар Ковачевски, кој имаше билатерлана средба со Фон дер Лајен, а преходно се обрати на панел на тема:„Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.