Австралискиот премиер, Ентони Албанезе, изјави дека неговиот однос со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп имал „многу добар“ старт и го раскажа телефонскиот разговор што го имал со републиканскиот лидер по неговата победа на претседателските избори во САД.

Албанезе изјави дека му рекол на Трамп оти САД имаат трговски суфицит со Австралија и дека е во интерес на Вашингтон да „тргува праведно“ со својот сојузник.

За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп не воведе царини за увоз на челик и алуминиум од Австралија.

Албанезе изјави дека неговиот телефонски разговор со реизбраниот претседател од Републиканската партија на САД бил „многу добар почеток“ на билатералните односи.

Разговаравме 10 минути и тоа беше еден од првите телефонски повици што ги имаше“, рече шефот на централно-левичарската лабуристичка влада на Австралија.

Трамп и Албанезе, исто така, разговарале за безбедносните врски, вклучувајќи го и пактот АУКУС, според кој Австралија ќе купува американски нуклеарни подморници во текот на следната деценија и ќе развие нова класа нуклеарни подморници заедно со САД и Велика Британија.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг овој месец изјави дека Канбера е уверена во својот сојуз со Вашингтон, нејзиниот најголем безбедносен партнер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.