Поранешниот министер за економија на Казахстан денеска е осуден на 24 години затвор за убиство на својата сопруга, пренесоа британските медиуми. Новинарот на „Ројтерс“ во Астана пренесува дека долгогодишната затворска казна на поранешниот министер доаѓа по судењето кое се смета за тест на претседателот Касим-Жомарт Токаев и неговото ветување дека ќе изгради поправедно општество.
На шокантната снимка прикажана за време на судскиот процес, кој започна во март, се гледа како обвинетиот Куандик Бишимбаев (44) постојано удира, клоца и влече за коса витка млада жена облечена само во палто и чизми, пренесува „Танјуг“.
Жената е 31-годишната Салтанат Нукенова, сопругата на Бишимбаев, која подоцна беше пронајдена мртва.
Бишимбаев се изјасни за невин и во судницата тврдеше дека неговата сопруга починала од самоповредување.
Бишимбаев, кој беше министер за економија од мај до декември 2016 година, претходно беше осуден на 10 години затвор за примање мито, но беше ослободен по помалку од три години благодарение на амнестија и условно ослободување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.