Премиерот на Холандија, Марк Руте соопшти дека неговата коалициска Влада поднесува оставка поради непомирливите разлики за имиграциската политика.

Вечерва, за жал, дојдовме до заклучок дека разликите се непомирливи. Затоа наскоро ќе му поднесам оставка на кралот во име на целата Влада, истакна Руте.

Лидерите на четирите коалициски партии вчера одржаа кризна средба, но не беше постигнат договор, поради спорот за прашањето до кој степен членовите на семејството можат да им се придружат на бегалците кои веќе се во Холандија.

Тензиите достигнаа врв оваа недела откако Руте побара да се ограничи влезот на децата од воените бегалци, кои веќе се во Холандија и дека семејствата мора да чекаат најмалку две години пред да се обединат.

Христијанската унија и либералната Д66 воопшто не сакаа да го прифатат тоа.

Тоа беше четврта Влада на Руте, кој 13 години е премиер и има втор најдолг стаж во ЕУ по Виктор Орбан. Тој не се изјасни дали повторно ќе се кандидира на новите избори кои се очекуваат наесен. Дотогаш тој ќе ја води државата во технички мандат.

Владата на Холандија беше формира дури по девет месеци преговори, а се состоеше од десно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВВД), лево-либералната Демократи 66 (Д66), Христијанско-демократската партија (ЦДА) и помалата Христијанска унија.

Барањата за азил во Холандија се зголемија за една третина минатата година, а до крајот на годината може да има повеќе од 70.000, што е највисоко од 2015 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.